Марија Корина Мачадо се врати во Венецуела по заминувањето во декември минатата година, кога отпатува во Осло за да ја прими Нобеловата награда за мир. Нејзиното враќање беше проследено со собири на поддржувачи, кои го оценија како симбол на надеж и можен чекор кон политички промени.
Во меѓувреме, земјата претрпе значајни промени. Поранешниот претседател Николас Мадуро беше отстранет од власт во американска воена операција на 3 јануари, по што беше префрлен во Њујорк, каде што се соочува со обвиненија за дрога, оружје и тортура. Него го наследи поранешната потпретседателка Делси Родригез, која воспостави поблиски односи со администрацијата на Доналд Трамп.
Иако Мачадо претходно важеше за фаворит на Вашингтон за замена на Мадуро, американската администрација сега јавно ја поддржува Родригез. Дополнително, САД и Венецуела постигнаа значаен договор за нафтениот сектор, кој Мачадо го критикуваше.
Сепак, нејзиното враќање покажа дека таа и натаму има значителна поддршка во земјата. Политички аналитичари оценуваат дека нејзиното присуство на терен може да ја зајакне опозицијата, особено во услови на зголемени протести и намалена репресија врз демонстрантите.
Мачадо и натаму се соочува со обвиненија во Венецуела, вклучително и за предавство и заговор за востание, кои таа и нејзините поддржувачи ги оценуваат како политички мотивирани.
Нејзиното враќање се случува во време кога Вашингтон посредува во разговорите меѓу венецуелската влада и опозицијата за постигнување политичко решение. Останува неизвесно дали новата ситуација ќе доведе до конкретни демократски промени и каква улога ќе има Мачадо во иднината на земјата.






