Канада сака да изгради „единствен сојуз“ со Европската Унија, но не планира да стане полноправна членка на блокот, изјави канадскиот премиер Марк Карни, во период на продлабочување на трговските тензии со САД.
„Она што го бараме и за што ќе започнеме разговори е единствен сојуз со Европската Унија“, изјави Карни, најавувајќи дека Отaва сака значително да ги продлабочи економските и безбедносните врски со Европа.
Изјавата доаѓа откако „Волстрит журнал“ објави дека во ЕУ постои отвореност за идејата Канада да добие форма на „придружно членство“, односно посебен статус што би овозможил поблиска интеграција без формално членство.
Според информациите, се разгледуваат најамбициозни модели на соработка што би можеле да опфатат трговија, енергетика, одбрана, вештачка интелигенција и критични суровини.
Карни, сепак, јасно стави до знаење дека не станува збор за барање Канада да се приклучи кон ЕУ. Тој посочи дека двете страни ги делат истите вредности и приоритети и дека нивните економски и стратешки интереси можат значително да се надополнуваат.
„Посилни сме заедно. А ова се случува во време кога светот е поопасен и поделен, па пријателите треба да се држат заедно во вакви моменти“, порача канадскиот премиер.
Во меѓувреме, односите меѓу Канада и САД се дополнително влошени по неуспехот на трговските преговори и воведувањето нови царини. Токму зголемената неизвесност во односите со Вашингтон ја поттикнува Отава да бара посилни и постабилни економски и безбедносни партнерства со Европа.
Карни оваа недела ќе ги посети Обединетото Кралство и Франција и ќе се обрати пред Европскиот парламент во Стразбур, што се очекува да биде дополнителен чекор кон продлабочување на односите меѓу Канада и ЕУ.










