Основното јавно обвинителство Скопје започна истражна постапка против 33-годишен скопјанец, откако при полициски претрес во неговиот дом биле пронајдени поголемо количество оружје, експлозив, муниција и наркотични средства.
Од Обвинителството информираат дека при претресот биле одземени рачна бомба „М75“, во која биле имплементирани метални кугли со дијаметар од околу два милиметри, со шрапнелско дејство, како и 240 куршуми со различен калибар. Пронајден бил и пиштол „Црвена застава“ калибар 7,65 милиметри, со рамка наполнета со седум куршуми, како и пиштол „Берета“ со рамка со шест куршуми. Во домот биле пронајдени и околу седум грама марихуана.
При претресот бил пронајден и клуч од мотоцикл. Според првичните оперативни сознанија со кои располага полицијата, постои сомневање дека мотоциклот бил користен при извршување на кривично дело убиство.
Осомничениот се товари за кривичните дела неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи, како и неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори.
Надлежниот јавен обвинител до Судот доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, поради проценка дека постои опасност тој да се даде во бегство или повторно да изврши кривично дело.








