Србија ќе одржи предвремени парламентарни избори на 25 октомври, откако претседателот Александар Вучиќ најави дека ќе го распушти парламентот и ќе ги распише изборите. Тој најави дека указот за распуштање на Народното собрание ќе го потпише в среда напладне.
Одлуката доаѓа по повеќемесечни политички тензии и масовни студентски протести кои траат речиси две години. Редовните парламентарни избори требаше да се одржат во декември 2027 година.
Вучиќ порача дека изборната кампања треба да помине во демократска атмосфера и дека сите политички актери треба да имаат можност пред граѓаните да ги претстават своите програми.
„Ќе го прифатам секој резултат од изборите“, е пораката со која српскиот претседател се обидува да испрати уверување дека изборниот исход ќе биде почитуван, без разлика на тоа која политичка опција ќе излезе како победник.
Предвремените избори воедно се гледаат како важен тест за политичката позиција на Вучиќ и неговата Српска напредна странка. По долг период на протести и растечки притисок од опозицијата и студентското движење, гласањето ќе покаже дали владејачкиот блок ќе ја задржи досегашната доминација.
Протестите во Србија особено се интензивираа по трагедијата во Нови Сад во ноември 2024 година, кога при уривање на настрешница на железничката станица загинаа 16 лица. Демонстрантите бараат одговорност и промени, а власта се соочува со обвинувања за корупција, ограничување на медиумските слободи и политички притисоци, кои Вучиќ и неговите сојузници ги отфрлаат.








