Здружението „Форум за образовни промени“ поднесе тужба против Министерството за образование и наука (МОН), обвинувајќи го дека три години не ја исполнува законската обврска за усогласување на износот на субвенционираниот студентски оброк со годишната инфлација.
На прес-конференција пред Управниот суд, претседателот на здружението Бленди Ходаи рече дека зголемувањето на студентскиот оброк не зависи од добрата волја на Министерството, туку е обврска предвидена со закон.
Според него, со непостапувањето МОН го прекршило членот 2.1 од Законот за субвенциониран студентски оброк, кој предвидува годишно усогласување на износот со стапката на инфлација.
Од здружението преку тужбата бараат да се утврди дека Министерството постапувало незаконски во изминатите три години, како и да му се наложи да донесе подзаконски акт со кој ќе се регулира усогласувањето на оброкот.
Дополнително, бараат студентите што ја користат оваа мерка да добијат ретроактивна исплата за разликата во износот за изминатите три години. Според пресметките на здружението, вкупната штета изнесува околу 300.000 евра.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска минатата недела изјави дека нема прекршување на законот, посочувајќи дека во 2023 година субвенционираниот студентски оброк бил зголемен за 20 денари, што, според неа, било повеќе од тогашната инфлациска стапка.








