Републичката изборна комисија (РИК) на Србија денеска донесе одлука за распределба на пратеничките мандати во новиот состав на парламентот, по вонредните парламентарни избори одржани на 25 октомври.
Најголем број пратенички места, вкупно 140, ѝ припаднаа на изборната листа „Студентска листа – Студентите победуваат“, додека листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ ќе има 103 пратеници, пренесува српски „Данас“.
Покрај нив, во парламентот ќе има и седум пратеници од малцинските листи. „Сојузот на војводинските Унгарци – д-р Балинт Пастор“ и „Албанската коалиција“ добија по два мандати.
По едно пратеничко место им припадна на листите „Расим Љајиќ – Човечки“, СДА „Чувари на Санџак“ и „Усаме Зукорлиќ – Движење за обединување“, која мандатот го освои по повтореното гласање на 53 избирачки места.
Претседателот на РИК, Владимир Димитријевиќ, најави дека на избраните кандидати ќе им бидат издадени уверенија за пратенички мандати. Без претставници во новиот состав остануваат сите други изборни листи од вкупно 18 колку што учествуваа на изборите.
По објавувањето на одлуката во Службен весник, РИК треба да одржи седница на која ќе го утврди извештајот за спроведените избори.
Новиот состав на Собранието на Србија треба да се конституира во рок од 30 дена од прогласувањето на конечните изборни резултати.








