Вториот ребаланс на Буџетот за 2026 година помина во Собранието со 67 гласа „за“ и 15 „против“. Државната каса повторно се прекројува само три месеци по јулскиот ребаланс, а новите проекции предвидуваат помалку приходи и расходи, додека дефицитот останува на истото ниво.
Со усвоените измени, приходите се намалуваат за околу 5,3 милијарди денари и се проектирани на 374,2 милијарди денари. Расходите се коригирани на 420,5 милијарди денари, а буџетскиот дефицит останува 46,3 милијарди денари.
Токму потребата од второ менување на Буџетот во текот на една година беше во фокусот на критиките од пратеничката на СДСМ, Јованка Тренчевска. Таа оцени дека ребалансот е „комплетен фискален пораз“ и посочи дека повторното коригирање на проекциите во ноември отвора прашања за реалноста на првично планираните приходи и расходи, како и за начинот на кој се управува со јавните финансии.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, Игор Здравковски го бранеше ребалансот како развоен и одговорен. Според него, Владата обезбедува средства за непречено функционирање на институциите, редовна исплата на платите и пензиите, а како мерки за заштита на стандардот ги посочи и намалените акцизи и ДДВ.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска претходно образложи дека измените се потребни за да се обезбеди финансирање до крајот на годината, во услови на глобални геополитички неизвесности. Таа уверуваше дека ќе бидат покриени обврските за плати, пензии, социјални надоместоци, плаќањата кон стопанството и доспеаните долгови.
Иако вкупните расходи се намалуваат, со ребалансот се предвидуваат дополнителни 3,7 милијарди денари за социјални трансфери, од кои 1,4 милијарди за социјални надоместоци. За здравствена заштита се издвоени дополнителни 887 милиони денари.
Министерството за социјална политика, демографија и млади добива дополнителни 1,8 милијарди денари за поддршка на ранливите категории, социјална помош, народни кујни и социјални услуги. Уште 600 милиони денари се планирани за исплата на породилните надоместоци.
Намалувањето на расходите, според образложението на Министерството за финансии, главно се однесува на ставките за стоки и услуги и субвенции. Владата тврди дека со овие корекции ќе се обезбеди порационално трошење и пренасочување на средствата кон приоритетните области.
За капитални расходи се планирани 40,1 милијарда денари, наменети за инфраструктурата, одбраната, енергетиката, образованието, животната средина и други области. Предвидена е и финансиска поддршка за општините и продолжување на локалните инфраструктурни проекти.









