Двајца полициски службеници од Прифатниот центар за странци добија кривични пријави, едниот за тешка кражба, а другиот за полово вознемирување на жена сместена во центарот, информира Министерството за внатрешни работи.
Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди поднел кривична пријава против Б. Д., полицајка во Прифатниот центар за странци при Регионалниот центар за гранични работи „Север“, и против Б. М., раководител на смена во центарот.
Според МВР, на 28 септември, за време на посета на центарот, првопријавената од мајката на привремено задржана жена одзела еден златен и еден сребрен прстен, како и 3.000 денари. Предметите и парите ги пронашла при преглед на чантата на задржаното лице.
Второпријавениот, пак, се сомничи дека на 30 септември, при извршување на работните задачи, влегол во собата во која била сместена привремено задржаната жена и преку вербални и физички постапки, како и електронска комуникација, преземал дејствија со сексуална содржина.
Од МВР најавуваат дека против двајцата службеници ќе биде поведена постапка за утврдување одговорност, а ќе биде предложено и нивно отстранување од работните места, односно суспензија, до завршување на дисциплинската постапка.






