Две вработени во Првото техничко училиште во српскиот град Крагуевац се повредени откако 17-годишен ученик утрово отворил оган со малокалибарска пушка во училишната зграда. Полицијата го совладала и уапсила малолетникот, а ниту еден ученик или наставник не е повреден.
Пукањето се случило околу 8 часот, додека траела наставата. Според информациите од српското Министерство за внатрешни работи, осомничениот пукал во холот на училиштето, при што две лица се здобиле со повреди – едното најверојатно од огнено оружје, а другото од распрснато стакло.
Повредените веднаш биле згрижени од екипи на Итната медицинска помош и пренесени во болница. Според првичните информации, нивните животи не се во опасност.
Полициска патрола која се наоѓала во близина на училиштето брзо интервенирала и го привела 17-годишниот ученик. По инцидентот, околината на училиштето била блокирана, а полицијата извршила увид за да ги утврди сите околности под кои дошло до пукањето.
Учениците и наставниците биле задржани на безбедно во училниците. Засега нема официјални информации за мотивот на нападот, ниту за тоа како малолетникот дошол до оружјето.









