Првиот основен суд во Белград им одреди притвор до 30 дена на командантот на Специјалната антитерористичка единица (САЈ), Игор Жмириќ, и на уште осум сегашни и поранешни припадници на српското Министерство за внатрешни работи, осомничени за малтретирање и мачење студенти и граѓани во гаражата на зградата на Владата на Србија.
Одлуката е донесена на 6 ноември, по предлог на Првото основно јавно обвинителство во Белград, кое претходно побара притвор за деветтемина осомничени. Судот проценил дека постои опасност тие да влијаат врз сведоците доколку се бранат од слобода, а како дополнителна причина го навел и вознемирувањето на јавноста предизвикано од тежината на делото за кое се сомничат.
Според обвинителството, инцидентот се случил ноќта меѓу 14 и 15 август минатата година, од 22:30 до 1 часот по полноќ, во гаражата на зградата на српската Влада во Белград. Осомничените, во својство на службени лица во Единицата за обезбедување одредени личности и објекти (ЈЗО), наводно употребиле сила и закани врз студенти и граѓани, со цел да изнудат информации, да ги заплашат и незаконски да ги казнат.
Во истрагата се опфатени девет лица, меѓу кои и Жмириќ, како и други сегашни и поранешни припадници на безбедносните структури. За делата им се заканува кривична одговорност за малтретирање и мачење, доколку обвиненијата бидат докажани.
Случајот повторно го привлече вниманието на јавноста по сведочењата на студентката Николина Синѓелиќ, која јавно тврдеше дека била физички малтретирана во гаражата и дека тогашниот шеф на ЈЗО, Марко Кричак, ѝ се заканувал и со силување. Кричак, кој е првоосомничен во овој предмет, веќе се наоѓа во притвор во рамки на друга постапка.
Обвинителството претходно образложи дека притворот го бара и поради можноста осомничените да влијаат врз оштетените и другите сведоци, да ги прикријат или изменат доказите, како и поради ризикот од повторување на кривичното дело. Според обвинителството, осуммина од осомничените сè уште се службени лица во МВР, додека еден е вработен во Управата за извршување на кривични санкции.
Истрагата треба да продолжи со сослушување на оштетените и собирање дополнителни докази, по што обвинителството ќе одлучи за понатамошниот тек на постапката. Против решението за притвор е дозволена жалба.
Случајот се однесува на настаните за време на студентските протести во Србија минатата година.








