По години запоставување, започна санацијата на влезот во Старата скопска чаршија, каде што искршените и оштетени плочки се заменуваат со нови плочи од травертин.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски соопшти дека со интервенцијата се одговара на реакциите на граѓаните за состојбата на влезот во Чаршијата, која е една од најпосетуваните локации во градот и често прва точка за туристите.

„Многумина од вас ми пишаа за искршените плочки на влезот во Чаршијата. Со право укажавте дека првата глетка што ги пречекува скопјани и илјадниците туристи треба да биде достојна за местото во кое влегуваат. Денес почнавме со работа“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој посочи дека санацијата треба да го реши проблемот за дуќанџиите, скопјани и посетителите, нагласувајќи дека Чаршијата е еден од симболите на градот и дел од неговото историско наследство.









