Од 1 декември, банките ќе одобруваат кредити под построги услови. Граѓаните ќе можат да издвојуваат помал дел од месечните приходи за плаќање рати, а се скратува и рокот за отплата на станбените и потрошувачките кредити обезбедени со хипотека. Исклучок е предвиден за оние што првпат купуваат сопствен дом.
Со новите правила на Народната банка, објавени на 2 октомври, вкупните месечни рати за денарски кредити нема да смеат да надминат 45 отсто од приходите на кредитокорисникот. Досега границата беше 50 отсто. За кредитите со валутна компонента, лимитот се намалува од 45 на 40 отсто.
Што значи ова во практика? Ако граѓанин има месечни приходи од 40.000 денари, вкупните рати за денарски кредити ќе можат да му изнесуваат најмногу 18.000 денари, наместо досегашните 20.000. За кредитите со валутна компонента, границата се намалува од 18.000 на 16.000 денари. Во овој лимит влегуваат вкупните месечни кредитни обврски, а не само ратата за новиот кредит.
Станбената криза – социјален и политички предизвик и дома и во Европа
Првиот дом со исклучок, дополнителните станови под построги услови
Гувернерот Трајко Славески во октомвриско интервју за ТВ Телма изјави дека целта е да се спречи прекумерното задолжување, но и да им се помогне на граѓаните што го решаваат станбеното прашање. Според него, становите и куќите првенствено треба да служат за живеење, а потоа за инвестирање.
Построгите услови доаѓаат во период кога задолжувањето продолжува да расте. Во септември 2026 година, вкупните кредити биле повисоки за 14,1 отсто во споредба со истиот месец лани, додека депозитите пораснале за 9,2 отсто.
Кај станбените кредити годишниот раст изнесувал 16,1 отсто. Само во септември, тие се зголемиле за 1,5 отсто во однос на август.
Истовремено, становите во Скопје продолжиле да поскапуваат, но побавно. Во третиот квартал од 2026 година цените биле повисоки за 10,3 отсто во однос на истиот период лани. Во претходниот квартал годишното поскапување изнесувало 13,4 отсто.
Според податоците на Народната банка, просечната камата на новоодобрените кредити во септември изнесувала 4,94 отсто, наспроти 4,70 отсто во август. Кај новопримените депозити, просечната камата се намалила од 2,72 на 2,70 отсто.
Со тоа, разликата меѓу овие две просечни стапки се зголемила од 1,98 на 2,24 процентни поени.
За домаќинствата, просечната камата на новите кредити изнесувала 4,77 отсто, а за компаниите 5,05 отсто. На новопримените депозити, домаќинствата добивале просечна камата од 2,69 отсто, а компаниите 2,73 отсто. Просечната камата на вкупните депозити изнесувала 2,19 отсто.









