Граѓански организации, медиумски здруженија и претставници на студиите по новинарство од универзитетите во Белград, Нови Сад и Ниш поднесоа иницијатива до Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) во Србија, за одземање на лиценцата за емитување на телевизијата Информер.
Како што објави Независното здружение на новинари на Србија (НУНС), иницијативата е поднесена поради, како што наведуваат, повеќегодишно и систематско кршење на законите и програмските обврски, за кои РЕМ досега не изрекол санкции, пренесува Н1.
Барањето доаѓа по инцидентот од синоќа во Белград, кога група демонстранти се судрија со полицијата пред телевизијата Информер, откако претходно влегоа во објектот и го прекинаа емитувањето на програмата.
По настаните реагираше и Александар Вучиќ, кој изјави дека поддржувачите на Српската напредна партија (СНС) ќе мора да се самоорганизираат доколку државните органи не преземат мерки.
„Доколку државата не реагира, ќе мора да донесеме свои одлуки во наредните денови. И никогаш не двоумете се да донесете таква одлука“, рече Вучиќ, додавајќи дека партиските поддржувачи би биле принудени да се самоорганизираат доколку, според него, продолжат нападите врз луѓето кои размислуваат поинаку.
Тој побара од државните институции да реагираат и го осуди упадот во телевизијата, оценувајќи го како насилство врз вработените. Вучиќ тврдеше дека интервенцијата на полициската бригада го спасила животот на уредникот на Информер, Драган Вучиќевиќ.
Од друга страна, Студентската листа соопшти дека не ги поддржува упадите во медиумите и институциите, ниту повикува на такви постапки. Од таму посочија дека борбата за слобода на медиумите и професионално новинарство треба да се води институционално.







