Норвешка ќе испрати електронски пораки или текстуални пораки до милиони свои граѓани за да провери дали се членови на верски заедници, по низа случаи во кои одредени верски заедници вклучувале луѓе во своите списоци на членови – без нивно знаење, со цел да добијат државни субвенции.
„Луѓето треба сами да одлучат каде сакаат да бидат членови“, изјави министерката за семејни прашања, Лене Вогслид, во соопштение од владата. Таа нагласи дека „не смеат да се исплаќаат субвенции за лажно пријавени членства“. Почнувајќи од 30 ноември, надлежните постепено ќе испраќаат пораки – кои содржат конкретно прашање до сите Норвежани постари од 15 години кои се наоѓаат на списоците за членство во верски заедници. Според медиумските извештаи, станува збор за бројка меѓу 3,5 и 4 милиони луѓе. Само процесот на испраќање на овие пораки ќе ја чини државата приближно два милиона норвешки круни (околу 186.500 евра), пренесува новинската агенција ДПА.
Повод за ова беше поплака од околу 200 граѓани, кои откриле дека, без нивно знаење, биле регистрирани како членови на разни верски или конфесионални заедници, објави агенцијата NTB. Подоцна, преку весникот „Верденс ганг“ (Verdens Gang), повеќе од илјада луѓе укажаа на дополнителни вакви случаи.
Информациите во врска со измамничките регистрации се однесуваат на приближно 180 различни верски здруженија. Ова претставува отприлика една четвртина од таквите заедници и здруженија во Норвешка. Во Норвешка, официјално регистрираните верски заедници и здруженија – чии членови споделуваат ист поглед на светот – имаат право на државни субвенции, при што износот се одредува според бројот на членовите.
Според Владата, субвенцијата вообичаено изнесува приближно 150 евра по регистриран член. Доколку се утврдат недостатоци во списоците на членови, државата може да побара враќање на средствата. Ова не се однесува на Црквата на Норвешка, која до пред околу една деценија се сметаше за државна црква, но во Уставот сега се нарекува „народна црква“. Таа се финансира речиси целосно од различни јавни буџети.









