Владата го усвои предлог-ребалансот на Буџетот за 2026 година со кој се намалуваат и планираните приходи и расходи за околу 86 милиони евра. Измените сега треба да бидат разгледани и усвоени во Собранието.
Со новиот ребаланс, вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, што е намалување за 5,31 милијарди денари, односно околу 86,3 милиони евра во однос на претходниот ребаланс усвоен во јули.
Расходите, пак, се намалуваат од 425,8 на 420,5 милијарди денари. Тоа е кратење од околу 5,27 милијарди денари или 85,8 милиони евра.
Од Владата образложуваат дека корекцијата е поврзана со намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата, поради што се прави приспособување на приходната и расходната страна на Буџетот.
Буџетскиот дефицит според новите проекции останува на 4,1 отсто од БДП. Во номинален износ тој изнесува околу 46,3 милијарди денари, односно приближно 753 милиони евра.
Податоците за реализацијата на Буџетот, сепак, покажуваат дека заклучно со 6 октомври приходите изнесувале околу 267,5 милијарди денари, додека расходите достигнале 317,7 милијарди денари. Така, тековниот буџетски дефицит е околу 50,2 милијарди денари, или приближно 817 милиони евра.
Од опозицискиот СДСМ жестоко го критикуваа новиот ребаланс, оценувајќи дека тој е потврда за, како што велат, неуспешните економски политики на Владата и лошото планирање на државните финансии.
Од партијата тврдат дека државната каса се соочува со сериозен недостиг на средства и дека Владата ќе мора да обезбедува дополнителни пари преку задолжување. Од СДСМ посочија и дека Владата веќе одобрила ново задолжување од 250 милиони евра за буџетски потреби до крајот на годината.
Опозицијата тврди дека проблемот не може целосно да се објасни со намалувањето на акцизите и ДДВ-то за горивата, туку дека причините ги гледа во послабата наплата на приходите, пониската реализација на капиталните инвестиции и начинот на управување со јавните финансии.
Од Владата, пак, остануваат на ставот дека ребалансот е потребен за да се усогласат буџетските проекции со актуелните услови и ефектите од мерките поврзани со цените на горивата.
Конечната одлука за предложените измени ќе ја донесе Собранието, каде што повторно се очекува остра политичка дебата за состојбата со јавните финансии, буџетскиот дефицит и новите задолжувања.









