Системот „Мој Термин“ во периодот од јануари 2021 до април 2026 година бил дури 738 дена без договор за одржување, што претставува 37,9 проценти од анализираниот период. Ова е една од констатациите во најновиот извештај на Државниот завод за ревизија, кој утврдил низа слабости во функционирањето и управувањето со системот.
Во одржување на „Мој Термин“ и поврзаните информатички системи во јавното здравство биле потрошени 333,3 милиони денари, односно околу 5,42 милиони евра. Од овие средства, само 9 проценти се однесувале на националниот систем „Мој Термин“, додека останатите 91 процент биле наменети за други поврзани системи.
Ревизијата утврдила и проблеми со кадровските капацитети. Во Дирекцијата за електронско здравство биле пополнети само 29 проценти од предвидените работни места, а не била изготвена ниту функционална анализа на потребниот број и структура на вработени.
Дополнителен проблем претставува и тоа што не постојат јасни стандарди за сертификација и одобрување на софтверските решенија што се користат во јавното здравство, како и доволно механизми за проверка и валидација на податоците што се внесуваат во системите.
Во одредени јавни здравствени установи не биле навремено внесувани или објавувани распоредите за закажани прегледи. Тоа создава ризик пациентите без редовно закажан термин да бидат примени пред оние кои претходно имале закажано.
Утврдени се слабости и кај системот за испраќање СМС-потсетници. Во ГОБ „8 Септември“, во периодот јануари-април 2026 година, СМС-пораките биле испратени за само 10,1 процент од реализираните упати.
Ревизијата покажала и дека дел од операциите извршени во ГОБ „8 Септември“ во периодот од 2021 до 2025 година не биле евидентирани во „Мој Термин“. Кај листите на чекање, пак, недостасувале важни податоци, што ја отежнува можноста за целосно следење на времето на чекање и реалната состојба со пациентите.
Контролите врз функционирањето на системот не се спроведувале континуирано, а биле констатирани и недостатоци поврзани со информатичката безбедност и заштитата на личните податоци.
Како дел од препораките, се посочува потребата од воспоставување соодветен систем за резервни копии и автоматизирано обновување на податоците, подобра контрола на пристапот до системите, ажурирање на политиките за доверливост и назначување одговорни лица за заштита на личните податоци.
Од Државниот завод за ревизија оценуваат дека е потребно надлежните институции да преземат конкретни мерки за подобрување на управувањето, одржувањето и безбедноста на „Мој Термин“, со цел системот да обезбедува посигурни и поквалитетни услуги за пациентите.









