Американскиот милијардер Илон Маск најави дека секое дете во САД ќе добие по две акции од неговата компанија „Спејс Икс“ – една што ќе ја донира компанијата и една што тој лично ќе ја подари.
Објавата следува откако „Спејс Икс“ соопшти дека ќе донира по една новоиздадена акција од класата А за секоја активна сметка во програмата „Трамп акаунтс“, наменета за долгорочно штедење и инвестирање за американските деца. Маск најави дека лично ќе ја удвои донацијата на компанијата.
Според процените врз основа на завршната цена на акциите од 127,44 долари, вкупната вредност на подарените акции би можела да достигне околу 18 милијарди долари, доколку опфатот ги вклучи сите деца во САД.
Од „Спејс Икс“ најавија дека нивните акции ќе бидат префрлени во декември годинава, додека личната донација на Маск ќе следува откако во јуни 2027 година ќе му истече периодот во кој има ограничувања за располагање со акциите.
Сè уште не е целосно разјаснето дали личната донација на Маск ќе се реализира преку истата програма и кои ќе бидат точните услови за распределба.
Претходно, Маск најави дека ќе подари по една своја акција на секое американско дете, а новата одлука го удвојува ветениот подарок. И претседателката и оперативна директорка на „Спејс Икс“, Гвин Шотвел, заедно со сопругот, најавија донација од повеќе од два милиони акции за деца опфатени со иницијативата.









