Добитокот кој со месеци предизвикува проблеми во Крива Паланка наскоро ќе добие ново сместување, и тоа во казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Ова е предвидено со акцискиот план на Владата за отстранување на животните, чија оперативна реализација започнала денеска.
Од Министерството за земјоделство информираат дека на состанокот на Координативниот штаб биле поделени конкретните задачи меѓу институциите што ќе учествуваат во спроведувањето на планот.
Првиот чекор ќе биде мапирање на теренот, односно утврдување каде се наоѓа добитокот, колку животни има и колку се пристапни локациите на кои се движат.
Во почетната фаза, одземените животни ќе бидат примопредадени на казнено-поправните домови во Идризово и Прилеп. Владата разгледува можност дел од добитокот, во согласност со законските прописи, подоцна да им биде отстапен на здруженија на сточари и млади земјоделци.
Министерот за земјоделство Борче Серафимовски вели дека целта е институциите координирано да го решат проблемот, со заштита на граѓаните, нивниот имот и земјоделското производство, но и со почитување на стандардите за благосостојба на животните.
Во акцијата се вклучени седум институции: Министерството за земјоделство, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, Агенцијата за управување со одземен имот, Дирекцијата за заштита и спасување, Центарот за управување со кризи и Бирото за процена.








