Во Софија денеска се одржува меѓународна министерска конференција посветена на стратешкото значење и развојот на Паневропскиот коридор 8, на која учествува и министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Домаќин на конференцијата е бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова, а на форумот учествуваат министри и високи претставници од земјите долж Коридорот 8, како и претставници на Европската унија, НАТО и други партнери.
Во рамките на посетата на Софија, Муцунски ќе оствари и билатерална средба со Петрова-Чамова. Средбата е дел од напорите за продолжување и интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Бугарија.
Муцунски на конференцијата ќе се обрати на панелот „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, на кој ќе се разговара за стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови. Во фокусот ќе биде неговата целосна реализација како заеднички стратешки интерес на земјите долж трасата и на поширокиот европски простор.
На конференцијата ќе се разговара и за транспортната и енергетската поврзаност, енергетската безбедност, економскиот раст, инвестициите, воената мобилност и можностите за поефикасна реакција при кризни ситуации.
Коридорот 8 ја поврзува Јадранската со Црноморската област преку Албанија, Северна Македонија и Бугарија, со врски кон Италија и Романија. Неговата целосна изградба се смета за важна за подобрување на транспортната и економската поврзаност во Југоисточна Европа.
За Северна Македонија од особено значење е железничкото поврзување со Бугарија. Во тек е изградбата на железничките делници кон источниот сосед, додека третата фаза, која ја опфаќа делницата Крива Паланка–Деве Баир и прекуграничниот тунел, треба да претставува клучна алка за поврзување на двете железнички мрежи.
На форумот учествува и еврокомесарката за проширување Марта Кос, како и претставници на Европската служба за надворешно дејствување, НАТО, САД, Обединетото Кралство и Украина.
Средбата меѓу Муцунски и Петрова доаѓа во период кога Скопје и Софија се обидуваат да го обноват политичкиот дијалог, а европската интеграција на Северна Македонија останува една од клучните теми во односите меѓу двете земји.









