Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во Собранието, Моника Зајкова, остро реагираше по убиството на 17-годишната девојка во Богданци, обвинувајќи го владејачкото мнозинство дека со одбивањето на предлогот за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство пропуштило можност да спречи нова трагедија.
Зајкова посочува дека жртвата, претходно пријавувала насилство и добивала смртни закани, но и покрај тоа не била заштитена.
Таа праша што преземаат институциите кога жена или девојка ќе пријави дека нејзиниот живот е загрозен и зошто системот не реагирал навреме.
„Бесна сум и тажна што владејачкото мнозинство нема волја да ги заштити жените и ги остава сами на себе. Со неприфаќањето на електронската нараквица убивте уште една жена! Пријавила насилство и смртни закани, девојка од 17 години бегала од насилникот и живеела во страв“, реагира Зајкова.
Од ЛДП потсетуваат дека во изминатата година двапати во Собранието го доставиле предлогот за воведување електронски нараквици за сторителите на семејно насилство. Предложеното решение предвидува следење на движењето на насилникот и автоматско известување на жртвата и надлежните институции доколку тој ја прекрши судската забрана за приближување.
Според партијата, ваквиот механизам би овозможил навремено предупредување и побрза реакција на институциите, наместо жртвите сами да мораат да проценуваат дали се во непосредна опасност.
Зајкова побара одговорност не само за сторителот, туку и за сите институции и лица кои евентуално можеле да ја спречат трагедијата, а не постапиле соодветно.
„Најстрога казна за злосторниците е задолжителна. Но и таа не е доволна. Казната мора да ги стигне и оние кои можеа да го спречат ова злосторство, но свесно и со умисла одлучија дека глупави изговори се доволни за одбивање на предлогот за електронската нараквица“, порача таа.
ЛДП бара целосно расветлување на случајот во Богданци, проверка на постапувањето на надлежните институции по претходните пријави за насилство и утврдување одговорност доколку се констатираат пропусти.
„Уште колку Ивани, Росици и Билјани треба да ни се случат за конечно институциите да почнат да функционираат и да ги заштитат оние на кои заштитата им е најпотребна? Доста е од декларативна заштита на жените! На жените не им требаат празни ветувања, потребни се држава и институции кои ќе ги заштитат пред да биде предоцна“, се наведува во реакцијата на партијата.








