Драган Петровски, познат како Штука, е меѓу уапсените во големата полициска акција што утрово се спроведе во Куманово и околината. Акцијата е насочена кон група осомничена за изнуда, лихварство и перење пари.
Полициски екипи и истражители извршиле претреси на повеќе локации, со цел да обезбедат докази за активностите на групата, за која постојат сомневања дека подолг период се занимавала со незаконски финансиски активности.
Според неофицијалните информации на „Скопје1“, Петровски е осомничен дека ја организирал групата, чии членови наводно преку закани, насилство и уцени изнудувале пари и остварувале противправна имотна корист.
Претреси биле извршени и на локации поврзани со нотарска канцеларија и менувачница, поради сомневања за нивна можна поврзаност со спорните финансиски активности. Неофицијално, при претресите биле пронајдени пари, возила и документација кои би можеле да бидат важни за истрагата.
Акцијата ја спроведува Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, во координација со Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.








