Сите банки во земјава викендов, на 7 и 8 ноември, ќе ги приспособуваат своите системи за новите правила за плаќање во денари. Поради тоа, можно е дел од банкарските услуги привремено да не работат, особено услугите за плаќање.
Од Македонската банкарска асоцијација ги советуваат граѓаните и фирмите навреме да ги испланираат плаќањата и да ги следат известувањата од својата банка. Кога ќе има прекини, колку ќе траат и кои услуги нема да бидат достапни, ќе зависи од секоја банка одделно.
„Халкбанка“ најави дека нејзините експозитури што вообичаено работат во сабота ќе бидат затворени на 7 ноември. Причината е преминувањето на новиот систем за плаќање МИПС (ISO 20022).
Истиот ден, од 8 до 16 часот, клиентите нема да можат да вршат плаќања преку електронското и мобилното банкарство на банката.
Потешко до кредит од 1 декември: Помал дел од платата ќе смее да оди за рати
Што се менува од понеделник?
Од понеделник, 9 ноември, ќе се користат нови налози за плаќање, нови шифри со кои се означува за што се плаќа и сметки прикажани во ИБАН-формат.
Броевите на постојните сметки остануваат исти. Банките автоматски ќе го приспособат нивниот приказ и користењето во ИБАН-формат во електронското и мобилното банкарство.
Техничките работи викендов се прават за банките да бидат подготвени за примената на новите правила од понеделник.









