Сем Вакнин, поранешен советник на експремиерот Никола Груевски, вклучен во креирањето и на македонските економски политики, лажно се претставувал како психитерапевт, нудел психотерапевтски услуги и сеанси кои ги наплаќал и по 750 евра од час, а притоа неколку жени го обвинуваат за силување, деградирачки сексуални практики, дека им пренел канцероген хуманопапилома вирус (ХПВ) и дека ги поттикнувал да извршат самоубиство. Овие наводи се изнесени во светскиот документарец ,,Сценариото на нарцисот” (The Narcissist’s Playbook) како и 20 епизоди од поткастите „Раскажувачот: Сценариото на нарцисот“ (The Storyteller: Narcissist`s Playbook) за документарецот изработени од британската наградувана истражувачка новинарка Ајла Тракуер. Документарецот е достапен онлајн и може да се гледа за сума од 19.99 долари.
Во поткастите една од жртвите, жена од Русија, тврди дека на Вакнин, за кој како што вели, мислела дека е психотерапевт и кој ѝ се претставувал и како доктор по медицина – му исплатила 500 илјади евра во текот на неколку години, за сеанси, а во сумата се вклучени и авионски билети, за облека и за хотелски резервации.
Според нејзините искази, таа му верувала на Вакнин дека е доктор по медицина, дека е психотерапевт, но всушност на крајот завршила во тешки трауми бидејќи врз неа биле изведувани деградирачки сексуални акти, кои биле дел од таканаречената ,,ладна терапија” – тип на терапија што Вакнин ја промовирал и практицирал врз пациентките.
Во суштината на оваа терапија, според неа, било да се предизвика повторна траума врз жртвата со цел да се надмине претходна траума. Но, жената од Русија во документарецот и во поткастите сега тврди дека се работело за постепено навлекување, перење на мозокот, со цел Вакнин да заземе целосна контрола врз жртвата и да ја деградира, а не за докажан психотерапевтски модел.
„Сценариото на нарцисот“
Режисер и сценарист на документарецот „Сценариото на нарцисот“ кој е објавен во 2026 година е Марк Висенте. Филмот почнува како едукативен материјал за нарцисистичкото растројство на личноста (narcissistic personality disorder).
На почетокот од документарецот различни личности кои се експерти на темата зборуваат за тоа како нарцисите ги ловат своите жртви и за последиците од нивната валкана игра. Но, на средината документарецот добива сосема нов тек, бидејќи повеќе жени им се обраќаат на режисерите со загрижувачки обвинувања за еден од главните ликови – Сем Вакнин.
Тие им кажуваат на продуцентот и на режисерите дека кога Вакнин држел семинари во европските држави за жртви на нарцисистичко злоставување, тој наводно од групата жени присутни на семинарите одбирал такви кои економски, сексуално и психолошки ги малтретирал.
Отпосле, продуцентите на документарецот го соочуваат Вакнин со овие грозоморни тврдења на жените, од кои три според наводите во филмот веќе се обратиле во полициски станици во три држави на Европската Унија. Поради тоа што Вакнин не сакал да одговори на овие тврдења и ја прекинал соработката за документарецот откако увидел дека во него има обвинувања против него, продуцентите решаваат да ја ангажираат новинарката Ајла Тракуер.
Таа доаѓа во Скопје да му направи интервју на Сем Вакнин. Во интервјуто го соочува со обвинувањата на жените, но, тој не одговара и станува и го вади микрофонот од себе, одбивајќи да одговори на прашањата, тврдејќи дека неговиот личен живот е негова работа.
Тракуер пак му возвраќа дека се работи за постапки во рамките на неговиот професионален ангажман како терапевт. Најголемиот дел од жените кои се појавуваат во документарецот и во поткастот, во моментите кога го контактирале Вакнин биле во тешки животни ситуации и околности, а една од нив тврди дека поверувала дека Вакнин е доктор по медицина бидејќи така ѝ се претставувал, па му го доверила и здравјето на своето дете.
Новинарката Тракуер јавно на својот Инстаграм профил контактира различни организатори на семинари што го угостуваат Вакнин да ги предупреди дека има вакви обвинувања против него, но тие и понатаму го имаат како гостин и предавач.
Во нејзините поткасти кои се јавно достапни за слушање, се спорат многу квалификации што Вакнин тврдел дека ги има.
На пример, универзитетот Ростов на Дон, од Руската Федерација, во официјален допис до новинарката Тракуер демантира дека тој бил нивен професор, со исклучок на тоа што одржал неколку неплатени предавања за студентите во 2017.
Вакнин пак, во повеќе јавни настапи се претставува како професор на овој државен руски универзитет, а во едно интервју кое е презентирано во поткастот на Ајла Тракуер – дури и изјавува дека руската служба за државна безбедност го подложила на сериозен бекграунд чек, за да може да предава на овој универзитет и дека тој наводно ја поминал проверката.
Русинката, пак, на која Вакнин ѝ бил терапевт, во поткастот објаснува дека универзитетот му дал на Вакнин писмо во кое стоело дека тој е визитинг-професор таму, само зашто тој го барал со цел полесно да може да ја минува границата. -Од ништо прави нешто и го претставува како свое достигнување, вели таа во поткастот.
Тракуер: Жртвите се сексуално трауматизирани
Вакнин повеќе не предава на Универзитетот на Југоисточна Европа
Сем Вакнин е Израелец кој долги години живее во Скопје. Во политичката јавност порано беше познат како близок соработник на експремиерот Никола Груевски. Во последните години не е присутен како гостин или коментатор на домашните случувања. При пребарувањето на неговиот лик на интернет, се појави и дека во 2024 година е ангажиран како визитинг професор по психологија и економија наУниверзитет на Југоисточна Европа – УЈИЕ во Македонија.
Коректив.мк се обрати до Универзитетот со прашањата дали се запознаени со обвинувањата за Сем Вакнин изнесени на светска сцена и дали се уште предава на факултетот, имајќи во предвид дека во документарецот и поткастите се наведува дека тој го нема соодветното формално образование.
Од Универзитетот рекоа дека до приемот на новинарските прашања, Универзитетот на Југоисточна Европа не беше запознаен со документарниот филм „Сценариото на нарцисот“, ниту со епизодите од придружниот истражувачки поткаст. Од таму потенцираат дека се дистанцираат од секое однесување што вклучува сексуална злоупотреба, вознемирување или злоупотреба на професионална позиција и ваквите наводи ги смета за исклучително сериозни.
„Сем Вакнин во моментов не е вработен и нема активен ангажман на Универзитетот. Во 2024 година (зимскиот семестар септември-декември) бил краткотрајно ангажиран како гостин наставник. Неговиот фактички ангажман бил про боно, траел еден семестар и бил ограничен на воведен предмет од областа на теоретската психологија на англиски јазик. По завршувањето на семестарот, ангажманот не бил продолжен. За време на неговиот ангажман бил применуван редовниот систем за следење на квалитетот на наставата, вклучително и анонимна студентска евалуација. Според расположливата институционална евиденција, во тој период не биле регистрирани поплаки или забелешки во однос на неговото однесување. Документацијата релевантна за ограничениот наставен ангажман била разгледана согласно тогашните универзитетски процедури. Тој не се претставил пред Универзитетот, ниту доставил документација како доктор по медицина, а не бил ангажиран или признаен како лиценциран психолог, психотерапевт или клинички практичар“, одговорија од Универзитетот.
Веднаш по доставениот одговор, Универзитетот ја тргна објавата на нивната веб-страница дека Сем Вакнин бил дел од надворешиот наставен кадар.
Вакнин: Лична одмазда и кампања за оцрнување, маскирани како „документарец“ и „истражување“
Имајќи ги в предвид сериозните обвинувања на негова сметка, Коректив.мк испрати и серија прашања до Сем Вакнин – од наводите за силување до лажните академски титули.
Повратниот негов одговор што го добивме, веќе е и јавно објавен и на неговата веб-страница www.narcissistic-abuse.com, каде се достапни неговите книги, предавања, објави во медиуми, како можност да се плати за консултација со Вакнин и неговата сопруга Гордана кои варираат од 250 до 750 евра. Со напомена „Ние не сме лиценцирани практичари за ментално здравје“.
Иако, во видеа достапни на каналот на Ајла Тракер, се гледа дека Вакнин се претставува како лиценциран психотерапевт, за подоцна да напоменува дека тој нема такво стручно звање.

Во испратениот и јавно достапниот одговор на како што ја нарекува на „кампањата за онлајн клевета“, Сем Вакнин за „Сценариото на нарцисот“ и придружниот серијал подкасти тврди дека содржат клеветнички напади и бројни невистини. Ги нарекува „злонамерна, груба и отровна кампања за оцрнување, чија цел е да ме прикажат во целосно лажно светло“, давајќи свој осврт на настаните.
Во контекстот на „ладна терапија“ која ја употребува, а која жртвите и ја опишале на новинарка Тракуер, тој објаснува дека е заснована на револуционерната работа на „Фоа и Козак (1985) и дека е исклучиво вербална и дека таа забранува каков било физички контакт со клиентот“.
Вакнин наведува дека иницијатори за филмот и подкастот се неговиот поранешен деловен партнер Ричард Гранон, со кого во 2022 година имал бурна јавна расправија и прекин на соработката. За режисерот на филмот, пак, Марк Висенте, тврди дека е актуелен деловен партнер на Гранон, иако новинарката Траукер одговара дека се неточни неговите тврдења дека тој имал какво било бизнис партнерство со посочените лица.
„Клучното прашање е: дали можете да им верувате на Гранон и Висенте дека ќе понудат непристрасна, објективна, веродостојна и темелно истражена анализа на овие лажни обвинувања против мене? Исечоците во филмот потекнуваат од јавни настани на кои се практикува играње улоги. Во многу од случаите, меѓу публиката се присутни и мои клиенти. Како што често правевме со Гранон во нашите разговори, едниот од нас ја преземаше улогата на психопат, а другиот глумеше терапевт. Гранон тоа го нарекуваше моја „рутина на грофот Дракула“ и често е снимен како од срце се смее на мојата глума. И самиот Гранон ја играше улогата на психопатски нарцис во многу видеа. Во други снимки, кои намерно се погрешно претставени во филмот и во подкастот, користам заменки во прво лице за да ги опишам типичните мисли и внатрешни доживувања на нарцисите и психопатите“, стои во одговорот.
Понатаму, како што пишува Вакнин, Ричард Гранон продуцирал уште еден документарен филм со цел да го оцрни во 2017 година – неговите поддржувачи се обиделе да ја отстранат неговата Фејсбук страница. А во 2023 година, Гранон се обидел да го отстрани и неговиот Јутјуб канал поднесувајќи повеќе од 50 лажни пријави за кршење на авторските права.
Во однос на обвинувањата во документарецот и серијата поткасти, Вакнин пишува дека изјавите на единствената руска „жртва“ се „груби лаги“.
„Како што јасно се гледа од филмот и подкастот, таа е соработничка на Ричард Гранон. Таа беше клиентка на Гранон за коучинг (јас ги запознав). Таа, исто така, беше моја деловна партнерка (во Русија) по краток период на консултации, неколку месеци пред да ја започнеме нашата деловна соработка. Сите други „докази“ во врска со останатите наводни „жртви“ му беа доставени на авторот на подкастот преку оваа единствена руска „жртва“ и нејзината германска соработничка – уште една жена која самата се прогласила за „жртва“. Тие „жртви“ им се закануваа и ги вознемируваа другите жени кои одбија да се приклучат кон кампањата со лажни обвинувања против мене“, вели Вакнин.
Сем Вакнин наведува дека во повеќе наврати се согласил да даде интервју на авторите на филмот под услов напред да ги откријат обвинувањата против него
„И Висенте и продуцентот Скот Алтомаре, со намера да ме измамат, негираа, и тоа трипати писмено – дека воопшто постојат какви било обвинувања против мене. Со оглед на нивните негирања, не гледав причина повторно да се сретнам со нив“, вели Вакнин.

„Му беше дадена можност да одговори кога разговарав со него; откако ги набројав обвинувањата, директно го прашав дали ги негира, а тој стана од интервјуто и не кажа ништо“, вели Тракуер.
Понатаму, Вакнин посочува и дека и органите за спроведување на законот ги отфрлиле нивните тврдења.
„Побарајте од Ијла Тракуер, да приложи макар и најмал доказ за вклученоста на органите за спроведување на законот, обвинителствата и/или судовите во која било јурисдикција во светот. Не можат. Веќе 4 години тие се обидуваат да поднесат пријави во полицијата во ЕУ. Полицијата ги разгледа нивните „докази“ и им се закани на сторителите (кои се претставуваа како „жртви“) со правни последици доколку не престанат со таквото однесување. Сличен обид во Обединетото Кралство исто така не вроди со плод, од истите причини“, пишува Вакнин со напомена дека презема повеќе видови правни чекори против авторите на документарецот и поткастот.
На ова, новинарката Ајла Тракуер тврди дека поседува две полициски пријави во две различни држави од жртвите. Таа ги отфрла наводите дека е соработник на Ричард Гранон и објаснува дека „не се познавала Ричард сè додека не се соочила со Вакнин во Македонија, а со него се сретнала исклучиво професионално за да направи интервју за обвинувањата против него“.
Притоа, напоменува дека освен заплашувања во форма на притисок, досега нема никаква правна постапка против нив.
Автор: Петар Клинчарски









