Бесплатни тестирања за рано откривање на рак на простата ќе се спроведат утре во Здравствениот дом „Железничар“ во Скопје, како дел од активностите за поддршка на светското движење „Movember“, посветено на подигнување на свеста за машкото здравје.
Од установата информираат дека ќе се врши бесплатно ПСА-тестирање на машката популација. Акцијата се организира во соработка со „Проџект хоуп“ (Project Hope) и други организации и здруженија.
ПСА-тестот е лабораториска анализа на крвта со која се мери нивото на простата-специфичниот антиген и може да помогне во откривањето промени поврзани со заболувањата на простатата. Покачените вредности не значат автоматски присуство на рак, но може да бидат причина за дополнителни испитувања и консултација со уролог.
Целта на иницијативата е да се поттикнат мажите редовно да го проверуваат своето здравје и навреме да реагираат, бидејќи раното откривање на болеста ги зголемува можностите за успешно лекување.









