Стојна Димитровска повторно е приведена по инцидент во локалитетот „Камени кукли“ во Кратово. Полицијата ја лишила од слобода вчера во 11:30 часот, по пријава дека се обидела да наплаќа влезници за посета на локалитетот и им се заканувала на двајца посетители од Скопје.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека приведувањето го извршиле полициски службеници од ОВР Кратово, постапувајќи по пријавата од Р.П. и Ј.Б.
Против Димитровска се водат повеќе судски постапки поврзани со локалитетот „Куклица“, а Основниот суд во Кратово претходно ѝ изрече мерка на претпазливост со забрана за посета на заштитениот локалитет.
На 4 август годинава, по предлог на Основното јавно обвинителство Куманово, ѝ беше одреден и 30-дневен притвор. Мерката следуваше по континуирано прекршување на претходните забрани, а при инцидент на почетокот на август, според претходните информации, таа физички нападнала туристи и полициски службеници кои се обиделе да ја легитимираат.







