Основниот кривичен суд Скопје му определи 30-дневен притвор на 19-годишниот Б.И. од Скопје, осомничен за насилство врз дете во инцидентот што се случи во скопската населба Чаир.
Тринаесетгодишно дете избодено во Чаир и е во исклучително тешка состојба
Притворот е определен по предлог на Основното јавно обвинителство, а судот ги прифатил сите три законски основи – опасност од бегство, можност осомничениот да влијае врз сведоци и опасност од повторување на делото. Против одлуката странките имаат право на жалба во рок од 24 часа.
Инцидентот се случил на 31 август околу 22 часот, кога избила физичка пресметка меѓу две групи. Според информациите од полицијата, во тепачката учествувале 19-годишниот Б.И. и неговиот 13-годишен брат, од едната страна, и три лица на возраст од 13, 16 и 19 години од другата страна.
Во текот на пресметката бил употребен нож, при што биле повредени трите лица од спротивната страна. 13-годишното дете било прободено во пределот на срцето и се наоѓа во критична состојба, додека тешки повреди добил и 19-годишниот учесник во тепачката. Повреден е и 16-годишник.
Од Јавното обвинителство потврдија дека 19-годишникот е осомничен за кривичното дело „Насилство“, додека неговиот 13-годишен брат не може кривично да одговара поради возраста.
Според Законот за правда за децата, лице кое во моментот на дејствието немало наполнето 14 години не може да биде кривично санкционирано, без оглед на тежината на делото. Во таков случај постапката се запира, а за детето се известува Центарот за социјална работа, кој може да преземе мерки за помош и заштита.
Од МВР претходно информираа дека токму 13-годишникот со нож им нанел убодни рани на трите лица. Министерот за здравство Сашо Клековски соопшти дека повреденото дете веднаш било оперирано и е згрижено на интензивна нега.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски случајот го оцени како тежок пример на врсничко насилство и порача дека ваквите случаи бараат поширок институционален одговор, во кој треба да бидат вклучени полицијата, социјалните служби, образовните и здравствените институции, но и семејствата.










