Коалициониот партнер во Владата, ВЛЕН реагира на изјавите на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во врска со судскиот процес против поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, оценувајќи дека Ахмети однапред го знае исходот од постапката.
Од ВЛЕН велат дека Ахмети претходно говорел оти Груби треба да одговара доколку ја злоупотребил неговата доверба, додека сега, според нив, настапува со уверување дека Груби е невин.
„До вчера велеше дека Груби треба да одговара ако ја злоупотребил неговата доверба. Сега веќе нема ‘ако’. Ахмети ја смени плочата“, наведуваат од ВЛЕН.
Од партијата прашуваат што се променило во меѓувреме и зошто, како што тврдат, Ахмети го менува ставот во зависност од развојот на ситуацијата околу Груби.
ВЛЕН дополнително го поврзува случајот со американските санкции кон Груби, наведувајќи дека тој е ставен на американската црна листа, а истовремено Ахмети јавно ја гарантира неговата невиност.
„Судот не е политичко казино на ДУИ, а пресудите не се пишуваат во партиското седиште“, порачуваат од ВЛЕН.
Груби, кој повеќе од една година беше надвор од земјава, се врати во Македонија на 23 февруари 2026 година и беше приведен на граничниот премин Блаце. По приведувањето беше спроведен во истражен затвор, во рамки на постапката поврзана со случајот „Државна лотарија“.
Во предметот, Груби е обвинет заедно со поранешниот директор на „Државна лотарија“ Перпарим Бајрами и уште шест лица. Според обвинението, тие се товарат за пречекорување на службените овластувања и предизвикување штета на „Државна лотарија“ од 596.125.511 денари. Сите обвинети се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.








