Закани со бомби во авиони денеска предизвикаа безбедносни проверки, привремено затворање на аеродром и пренасочување на летови низ Европа.
Во шпанскиот град Мурсија, властите вршат проверка на авион на „Рајанер“, откако за време на летот од Манчестер била пријавена закана со бомба. Сите 114 патници и седумте членови на екипажот се симнати од авионот и се подложени на безбедносни проверки, соопшти претставникот на шпанската влада Франциско Лукас, пренесува Н1.
Во Полска, аеродромот „Варшава-Модлин“ бил привремено затворен поради закана со бомба во авион кој летал од Лондон, со 181 патник. Авионот слетал на аеродромот иако неговата крајна дестинација бил другиот варшавски аеродром „Шопен“.
Закана била пријавена и во Софија, каде што антитерористички единици го проверувале авионот што пристигнал од Израел, објави бугарската новинска агенција БТА, повикувајќи се на генералниот секретар на Министерството за внатрешни работи, Љубомир Николов.
Дополнително, авион на „Виз ер“ кој летал вчера од Лондон кон Софија бил пренасочен кон Будимпешта поради закана со бомба. При проверката не била пронајдена експлозивна направа, по што авионот го продолжил патувањето кон Бугарија.
Закана за бомба на лет на „Виз Ер“ од Лондон до Софија – авионот принудно слетал во Будимпешта








