Царински службеници заплениле 135 килограми режан тутун и 30 литри алкохол при контрола на тезги на зелениот пазар во Чаир. Кај тројца продавачи биле откриени акцизни производи без задолжителни акцизни маркички, со што државата била оштетена за вкупно 337.558 денари по основ на неплатена акциза.
Акцијата ја спровеле службеници од Царинарница Скопје и мобилни тимови на Одделението за оперативни работи, во рамки на засилените контроли против нелегалната трговија со тутун и тутунски производи.
Од Царинската управа информираат дека против две лица ќе бидат поднесени прекршочни пријави, додека за третото лице, кај кое е утврдено избегнување акциза во износ од околу 257 илјади денари, ќе следува кривична пријава согласно Кривичниот законик.
Оттаму посочуваат дека контролите на зелените пазари се дел од пошироките активности за сузбивање на нелегалната трговија со акцизни производи, кои опфаќаат и засилени истраги за увозот на тутун и тутунски производи.

Акцијата во Чаир следува по претходното сузбивање на меѓународна група осомничена за организиран криминал поврзан со увоз на цигари.







