Министерството за животна средина и просторно планирање најави воведување пет дигитални платформи преку кои граѓаните ќе имаат пристап до податоци за животната средина, загадувањето на воздухот, дивите депонии и проектите што ги реализира институцијата.
Министерот за животна средина Муамет Хоџа информира дека целта е да се зголемат транспарентноста и ефикасноста на институциите, а достапните информации да помогнат во откривањето и спречувањето на еколошкиот криминал.
Платформата „Темели“ ќе овозможи увид во проектите на Министерството, нивната вредност, роковите за реализација, локациите и изворите на финансирање. Преку модулот „Јадро“ ќе се дигитализира архивата, со што ќе се овозможи електронско следење на предметите, нивниот статус и службениците задолжени за постапување.
Со модулот „Време“ се предвидува поедноставување на административните процедури. Од околу 30 чекори што треба да бидат поедноставени, 15 се планирани во првата фаза, која треба да заврши до крајот на годината.
Особено значаен е модулот „Земја“, преку кој ќе се мапираат дивите депонии во општините. Податоците треба да помогнат во планирањето на средствата и ресурсите за нивно расчистување, како и во подготовката за воспоставување регионални центри за управување со отпад. Реализацијата на платформата е предвидена во буџетот за 2027 година, а паралелно во неколку општини се спроведува пилот-проект за видео-надзор на дивите депонии.
Петтата платформа, „Воздух“, ќе воспостави дигитален регистар во кој 140 иматели на А-интегрирани еколошки дозволи ќе ги објавуваат податоците за своите емисии согласно условите од дозволите. Регистарот е поврзан со Законот за контрола на емисиите во воздухот, чија примена треба да започне во септември 2027 година.
Од Министерството најавуваат дека платформите ќе бидат презентирани поединечно во наредниот период, кога детално ќе бидат објаснети нивните функции и придобивки за граѓаните.






