Од март 2027 година се очекува да започнат директни летови на релацијата Скопје–Дубаи, трипати неделно, соопшти министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по средбата со претставници на авиокомпанијата „Флајдубаи“.
Новата авионска врска треба да го олесни патувањето меѓу Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати и да придонесе за развојот на туризмот, бизнис-соработката и економските врски меѓу двете земји.
Воведувањето на линијата доаѓа по разговорите за продлабочување на билатералната соработка, вклучително и за можностите за нови инвестиции и поголема трговска размена. Директната врска со Дубаи би им овозможила на патниците полесен пристап и до други дестинации преку меѓународниот воздушен центар во Емиратите.
„Флајдубаи“ и претходно одржуваше директна линија меѓу Скопје и Дубаи, која беше воведена во 2012 година, но моментално нема директни летови на оваа релација. Новото воспоставување на линијата се очекува да ја подобри поврзаноста на земјата со Блискиот Исток.
Се очекува авиокомпанијата дополнително да ги објави точниот датум на почетокот на летовите, распоредот и цените на билетите.








