Федералното истражно биро на САД (ФБИ) упати јавна благодарност до македонската полиција за апсењето на администраторот на илегалниот сајбер-пазар „OLVX“, преку кој се продавале украдени лични податоци и податоци за пристап до кориснички сметки.
Според информациите на ФБИ, платформата била активна од 2023 до 2025 година и функционирала преку повеќе од 1.500 продавачки профили. Преку неа незаконски се тргувало со податоци на жртви, вклучувајќи информации за најавување на различни интернет-услуги.
Од американското биро оценуваат дека работата на „OLVX“ ја загрозила дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани. Апсењето е резултат на соработката меѓу ФБИ и Одделот за сајбер-криминал при Бирото за јавна безбедност на македонското Министерство за внатрешни работи.
Од ФБИ посочија дека ова е првата координирана операција против сајбер-криминалот меѓу американските и македонските партнери. Случајот ја нагласува важноста на меѓународната соработка во откривањето и спречувањето на дигиталниот криминал, кој често ги надминува државните граници.
Засега не се објавени дополнителни детали за идентитетот на уапсениот администратор, ниту за тоа каде и како е спроведено апсењето.








