Бугарските власти соопштија дека не презеле мерки за утврдување на движењето на Ива Михаилова во Бугарија, иако Македонија издаде меѓународно барање, апсење и екстрадиција. Софија се повикува на бугарскиот Устав и на Европската конвенција за екстрадиција, кои предвидуваат можност за одбивање екстрадиција на сопствени државјани.
Бугарското Министерство за внатрешни работи соопшти дека на 13 октомври добило известување од Интерпол – Скопје со барање за меѓународно барање, апсење и екстрадиција на Михаилова, која има двојно државјанство – македонско и бугарско. Во известувањето било наведено дека против неа се води судска постапка за сообраќајно кривично дело, а Основниот суд во Кочани истиот ден издал наредба за нејзино апсење.
Бугарските власти нагласија дека засега нема издадено црвена потерница од Интерпол за Михаилова. Во соопштението се наведува дека според член 25, став 4 од бугарскиот Устав, бугарски државјанин не може да биде предаден на друга држава за кривично гонење, освен ако тоа не е предвидено со меѓународен договор што е во сила за Бугарија. Се повикуваат и на Европската конвенција за екстрадиција, според која државите имаат право да одбијат екстрадиција на свои државјани.
Михаилова се наоѓа во Бугарија откако ја напушти Македонија, иако претходно ѝ биле одземени македонскиот и бугарскиот пасош и ѝ била изречена мерка со која не смеела да ја напушта земјата. Според македонското МВР, нејзиното излегување од државата не било евидентирано во граничниот систем. Бугарските медиуми објавија дека таа пристигнала во Бугарија и побарала медицинска помош.
Против Михаилова се води судска постапка во Кочани за сообраќајна несреќа со смртни последици, во која имало и други повредени, меѓу кои и таа самата. Македонските власти распишаа потерница откако судот ѝ определи 30-дневен притвор.








