Државниот пазарен инспекторат се соочува со сериозен недостиг на инспектори, нецелосна дигитализација и слабости во евиденциите, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија за работењето на институцијата во 2024 година.
Во текот на 2024 година ДПИ спровел 28.263 инспекциски надзори – 21.108 редовни, 5.106 вонредни и 2.049 контролни. Надзорите ги вршеле само 148 инспектори, од вкупно 313 систематизирани работни места, односно биле пополнети 47 отсто од предвидените позиции.
Ревизорите предупредуваат дека недоволниот број инспектори и тенденцијата на нивно намалување може да влијаат врз реализацијата на планираните контроли и исполнувањето на законските надлежности. Дополнително, пет одделенија во инспекторатот немале раководител.
Слабости се утврдени и во дигитализацијата. Апликацијата „Е-инспектор“ не е целосно ставена во употреба, а ДПИ нема единствена и целосна електронска база на податоци со методологија за проценка на ризик. Според ревизијата, ова го отежнува планирањето на контролите, нивното следење и управувањето со инспекцискиот надзор.
Посебен проблем е Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи, каде што од предвидени 14 работни места во 2024 година биле пополнети само пет. Во периодот од 2022 до 2025 година, по лабораториски испитувања, од пазарот биле повлечени 40 производи.
Ревизорите предупредуваат дека не е извесно дали овие контроли ќе продолжат со ист интензитет по завршувањето на проектното финансирање, бидејќи буџетските средства на ДПИ за лабораториски испитувања во странство се ограничени.
Утврдени се и слабости во финансиското и материјалното работење, како и недостиг на соодветни простории за чување на одземени предмети. Во материјалната евиденција не биле заведени канцелариски материјали во вредност од 1,107 милиони денари, обрасци поврзани со инспекцискиот надзор во вредност од 791 илјади денари и автомобилски гуми вредни 249 илјади денари.
ДЗР дал препораки за зголемување на човечките ресурси, целосна дигитализација на инспекцискиот надзор, воспоставување електронски регистри и подобрување на финансиската и материјалната евиденција, како и обезбедување услови за континуирана контрола на безбедноста на производите.








