Системот за заштита и спасување во Северна Македонија не располага со целосна подготвеност за навремено и ефикасно справување со катастрофи, покажува најновата ревизија на Државниот завод за ревизија. Утврдени се слабости во стратешкото планирање, институционалната координација, човечките и материјалните ресурси, финансирањето и модернизацијата на системот.
Особено загрижувачки се податоците за шумските пожари. Во 2024 година во земјата биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина, што е највисоко ниво во последната деценија и повеќе од вкупната изгорена површина во претходните шест години заедно. Од 2023 до 2025 година биле опожарени вкупно 82.714 хектари, со проценета штета од над 133,6 милиони евра.
Ревизорите констатираат дека дел од проблемите се познати со години. Уште во 2018 година биле нотирани слабости во рамки на проценката на системот преку Европскиот механизам за цивилна заштита, но реформите не биле целосно спроведени.
Земјата сè уште нема нова Национална стратегија за заштита и спасување. Последната стратегија важела до 2018 година, а нацрт-стратегијата за периодот 2026–2030 година не е усвоена. Не е донесена ниту годишна програма за заштита и спасување, додека Планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран. Процената на загрозеноста од природни непогоди и други несреќи, пак, датира од 2007 година.
Недостигот на стратешки документи, според ревизијата, значи дека нема јасно утврдени приоритети, насоки за развој и сценарија за постапување при катастрофи.
Проблеми има и со оперативните сили, кои се соочуваат со недоволен број вработени, недостиг на опрема и недоволно развиени механизми за следење на ефикасноста. Како пример е наведена Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, каде од 384 систематизирани работни места за пожарникари биле пополнети само 172. Ревизорите констатирале и застарена противпожарна опрема.
Дополнителен проблем е начинот на кој се трошат средствата. Во периодот од 2022 до 2024 година за противпожарна заштита биле обезбедени 2,233 милијарди денари, но 98,5 проценти од средствата биле потрошени за тековни расходи, главно плати и надоместоци. Само 1,5 процент биле наменети за капитални расходи, односно за опрема, возила и модернизација.
Слабости се утврдени и во управувањето со материјалните средства на Дирекцијата за заштита и спасување. Дирекцијата располага со повеќе од 30 магацини, но нема интегриран систем за материјална и финансиска евиденција, а ревизијата утврдила и недостатоци во пописот и контролата на средствата.
Ревизорите укажуваат и на ограничените инспекциски капацитети. Со само 14 до 17 инспектори годишно се спроведуваат меѓу 1.168 и 1.369 надзори. Според проценките на Дирекцијата, со просечно околу 1.300 надзори годишно би биле потребни приближно 55 години за да се контролираат сите правни субјекти.
Како позитивен пример е издвоена Општина Охрид, заедно со Планинската спасителна служба на Црвениот крст Охрид, каде што ревизорите утврдиле функционална организација и координација, обезбедени човечки ресурси и обучени спасувачи.
Државниот завод за ревизија препорачува надминување на утврдените слабости преку воспоставување интегриран систем за заштита и спасување, усвојување на стратешки документи, обезбедување стабилно финансирање, зајакнување на човечките и материјалните капацитети и подобрување на контролата и надзорот.








