По завршувањето на одбележувањето на 35-годишнината од независноста, Либерално-демократската партија повторно го отвори прашањето за двојното државјанство кај пратениците и носителите на јавни функции.
Од партијата порачаа дека патриотизмот не треба да остане само на декларативни пораки и свечености, туку треба да се покаже и преку конкретни правила за оние кои ја претставуваат и управуваат со државата.
ЛДП бара предлог-законот со кој би се ограничило, односно укинало поседувањето двојно државјанство кај пратениците, да биде ставен на собраниска процедура и конечно да се разгледа. Од партијата особено ги повикаа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се меѓу предлагачите на законските измени, да се изјаснат дали навистина стојат зад решението.
Дополнителен притисок врз пратениците доаѓа од претседателката на ЛДП и пратеничка Моника Зајкова, која јавно објави заверен нотарски акт со кој потврдува дека поседува само македонско државјанство. Таа побара и останатите пратеници да ја покажат својата состојба со државјанството.
ЛДП, сепак, не сака решението да се однесува само на пратениците. Партијата бара истото правило да ги опфати и министрите, директорите, судиите, јавните обвинители и останатите избрани и именувани функционери.
Од таму предлагаат актуелните носители на јавни функции да ги достават податоците за своето државјанство, а оние кои имаат и второ државјанство да се откажат од него или да поднесат оставка.
Според ЛДП, не треба да има различни правила зависно од тоа за кој функционер станува збор или за кој мандат се применуваат. Партијата инсистира ограничувањето да биде јасно и еднакво за сите, наместо да се остава простор за одложување или селективна примена.
Прашањето за двојното државјанство веќе подолг период е дел од политичките дебати во земјава, особено околу тоа дали носителите на највисоки јавни функции треба да имаат исклучиво македонско државјанство како гаранција за нивната лојалност кон државата.








