На денешен ден се навршуваат точно 30 години од најголемата трагедија која датира од 1996 година, a се случи во дворот на манастирот „Успение на Пресвета Богородица“ во Берово, кога гром усмрти девет, а повреди 50-тина верници.
Три децении подоцна, трагедијата сè уште живее во сеќавањата на беровчани. За оние кои тој ден го преживеале, но и за семејствата на загинатите, 28 август не е само датум во календарот, туку ден кој оставил длабока трага во историјата на Малешевијата.

Само една година по несреќата, новинарите Љубинка Клинчарска од Берово и Васил Маневски од Делчево направија целосна фактографија на настанот, објавена во книгата „Плачеше цела Малешевија“.
„Се случи општа паника. Пискотници се слушаа од сите страни, на повредените им се даваше вештачко дишење, деца плачеа не можејќи да ги најдат родителите, луѓето бегаа да се спасат. Здравствениот дом во Берово брзо реагираше на терен, но полицијата не можеше да држи контрола“, се сеќаваат Клинчарска и Маневски.
На речиси 200 страници, со многу фотографии, сведоштва, биографии за починатите, црковни и научни мислења, новинарите ги реконструираат сите околности под кои се случи една од најголемите трагедии во поновата историја на Берово.

Силата на настанот и тежината на денот ја покажува и сведоштвото на новинарите кои во книгата го опишуваат известувањето од Берово како најтешкиот ден во нивната новинарска кариера – ден кога професионалната обврска се соочила со човечката трагедија и болката на цел еден град.
„Беше тоа шок за Малешевијата. И самите, не како новинари, туку како учесници и очевидци го доживеавме тие трагични моменти, кога радоста и славјето се претворија во бол и смрт, кога започна натчовечка борба за спасување на зафатените од громот. Но, започна и нашата послобична борма со времето. Да се соберат релеватни податоци за севкупните размери од несреќата. Заменикт на главниот уредник некако успеа да ни порача дека за нашиот извештај за настанот е резервирана цела страница. Кога по големиот труд и напор извештајот беше готов, пред нас се испречи нова тешкотија. Телефоните не работеа. Поради преголемиот број повици (околу 20.000) и дотраената беровска телефонска централа беше блокирана, телефонскиот сообраќај прекинат, ПТТ системот распаднат. Бевме во прединфарктна состојба, но, мораше да се издржи. Благодарејќи на струќноста, снаодливоста и стручноста на искусниот ПТТ работник Ѕвонко Фурнаџиски, кој нешто пред почноќ го земавме од дома, нашиот текст конечно стигна до дежурните уредници во „Нова Македонија“. Наместо пауза и одмор, следните денови следуваа нови професионални обврски. Награди и премии не добивме. Не ги ни очекуваме. Најдобра награда за нас се признанијата од читателите“, напишаа Клинчарска и Маневски во книгата.

Во малешевскиот крај со години се дебатира за причините за несреќата . Во годините по трагедијата се појавија и различни верувања и толкувања за тоа што довело до несреќата. Едно од нив, забележано и во книгата „Плачеше цела Малешевија“, се однесува на самиот празник и начинот на неговото одбележување.
Според ова верување, празникот во минатото се одбележувал како посен, но во 1996 година бил преместен на мрсен ден. Во народното толкување, токму ова поместување било поврзувано со трагичниот настан. Во голема мера, соговорниците во книгата се на ставот дека ваквото одбележување е крајно непочитување на каноните и претставува комерцијализација на празникот.

Трагедијата во манастирскиот двор останува запишана во колективната меморија на Берово како спомен на деветте животи згаснати за само неколку моменти и на десетиците верници кои тој ден беа повредени.










