Уставните измени нема да се случат во формата во која моментално се бараат, изјави во гостување на поткастот „Риштази“ кај новинарот Назим Рашиди, премиерот Христијан Мицкоски. Тој нагласи дека е подготвен за дијалог со секого и секаде се додека не се пронајде одржливо решение кое трајно ќе ја води државата кон конечната цел, наместо да се прифаќаат инстант и времени решенија.
Според него, претходните отстапки, како промената на знамето, банкнотите и уставното име, биле направени со ветувања за брз влез во европското семејство, но земјата се уште стагнира. Мицкоски потенцираше дека владата останува посветена на реформската агенда и создавањето подобри услови за живот, но бара принципиелен пристап и отфрла какви било уцени во процесот на евроинтеграциите.
Опозициската партија СДСМ остра реплицираше на изјавите на премиерот, обвинувајќи го за постојано лажење и менување на политичките позиции низ годините. Од партијата истакнаа дека Христијан Мицкоски во минатото имал радикални ставови против употребата на името Северна Македонија, најавувал укинување на Преспанскиот договор и ја заговарале идејата за членство во Европската Унија без право на глас, додека сега се залага за полноправно членство. СДСМ тврди дека постојат „двајца Мицкоски“ – еден за домашна употреба кој ја обвинува Европа за таканаречен булинг, и друг за надворешна употреба. Дополнително, опозицијата упати сериозни обвинувања на сметка на раководството на ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека голем дел од функционерите поседуваат бугарски државјанства и фирми во соседството.
Во дискусијата за европските интеграции, Христијан Мицкоски го отвори прашањето за двојните стандарди, посочувајќи дека додека од земјата се бара безусловно прифаќање на обврските само затоа што е надвор од Европската Унија, Бугарија исто така има преземено меѓународни обврски кои не ги исполнува.
Премиерот потсети на постоењето на дузина пресуди од Судот за човекови права во Стразбур кои се однесуваат на правата на македонската заедница во Бугарија, вклучително и правото на регистрирање здруженија и клубови. Тој овој асиметричен пристап го окарактеризира како класичен булинг кој нема допирна точка со Копенхашките критериуми ниту со темелните вредности дефинирани од европските основачи како Роберт Шуман, Алсиде де Гаспери и Конрад Аденауер, одбивајќи политика која функционира по системот на „шведска маса“.
СДСМ го обвини премиерот дека води дволична надворешна политика во однос на стратешките партнери како САД и НАТО. Според опозициските тврдења, премиерот во минатото бил против членството во НАТО, додека денес ја потенцира неговата корисност за безбедноста на граѓаните. Од друга страна, власта останува на ставот дека целта е целосна интеграција во европските структури, но без правење компромиси кои ја рушат националната и државната тежина.










