Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами, кој повеќе од една година беше недостапен за македонските органи на прогонот, утрово се предаде на властите.
Бајрами сам се пријавил кај надлежните органи, по што бил лишен од слобода. По него претходно беше распишана меѓународна потерница, откако стана недостапен во постапката за случајот „Државна лотарија“.
Бајрами во предметот е првообвинет заедно со поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и уште шест лица.
Случајот се однесува на наводни злоупотреби поврзани со работењето на Државна лотарија во периодот од 2023 до 2024 година. Обвинителството тврди дека обвинетите ги пречекориле своите службени овластувања и предизвикале штета на државната компанија.
Во обвинението, по извршеното дополнително вештачење, штетата е проценета на 596,1 милиони денари, односно околу 9,7 милиони евра. Обвинителството тврди дека дел од спорните дејствија биле поврзани со воведувањето и самостојното приредување електронски игри на среќа, како и со набавката на видеолотариски терминали.
За случајот се обвинети Груби, Бајрами, поранешниот генерален секретар на Владата Методија Димовски и поранешни членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија. Сите обвинети кои досега се појавија пред судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.
Груби на последното рочиште негираше вина, додека Бајрами досега не беше присутен бидејќи беше недостапен за органите на прогонот. Против него постапката се водеше во отсуство.
Обвинителството во судскиот процес најави изведување на 231 материјален доказ, вештачења и сослушување на седум сведоци, преку кои ќе се обидува да ги докаже наводите од обвинението.
Судењето за „Државна лотарија“ веќе започна, но главната расправа беше одложена поради барање на еден од обвинетите, Башким Авдиу, обвинението и доказите да му бидат доставени на албански јазик.
Предметот повторно се најде во центарот на вниманието откако само два дена пред предавањето на Бајрами, Артан Груби и останатите присутни обвинети се изјаснија за својата вина. Дотогаш, Бајрами беше единствениот од главните обвинети кој не беше достапен пред судот.
По повеќе од една година во бегство, поранешниот директор на Државна лотарија ќе треба да се соочи со обвинението и доказите на Обвинителството, но и да ја изложи својата одбрана пред судот.
Министерството за внатрешни работи информираше дека поранешниот директор на „Државна лотарија“ кој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба, Перпарим Бајрами е спроведен во КПУ Затвор Скопје.
Како што информираат оттаму, денеска во 05:35 часот на граничниот премин Долно Блаце за влез во Македонија, се пријавил Перпарим Бајрами (33), баран со меѓународна потерница по наредба од ОЈО Скопје од 17.12.2024 година.










