Првичните сознанија од истрагата за двата смртни случаи кај Богданци упатуваат на убиство и самоубиство, но Основното јавно обвинителство Гевгелија најавува дека ќе ги испита сите околности на настанот.
Од обвинителството информираат дека јавен обвинител извршил увид на местото каде што беа пронајдени две тела – едното покрај запалено возило, а другото во автомобилот.
За расветлување на случајот се издадени повеќе наредби за обезбедување докази. Телата се предадени на обдукција, а истражителите обезбедиле и снимки од видео надзор.
„Првичните индиции упатуваат на убиство и самоубиство, меѓутоа настанот ќе биде во целост испитан“, соопштија од Основното јавно обвинителство.
Двете тела беа пронајдени на 3 ноември, на местото викано „Ичева чешма“, во Горно село кај Богданци. Случајот бил пријавен во полиција околу 18:40 часот, кога било забележано опожарено патничко возило и безживотно тело во негова близина.
Полицијата утврдила дека станува збор за 21-годишниот В.Г. од Богданци, додека второто тело било забележано во возилото по локализирањето на пожарот.
Две тела и запален автомобил пронајдени на местото „Ичева чешма“ кај Богданци








