Двајца починати се пронајдени синоќа во близина на Богданци, откако било пријавено опожарено патничко возило на местото викано „Ичева чешма“, во Горно село.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, случајот бил пријавен на 3 ноември во 18:40 часот од страна на Т.К. од Богданци, кој забележал запалено возило и безживотно тело во негова близина.
Полициските службеници кои излегле на местото констатирале дека станува збор за 21-годишниот В.Г. од Богданци. Смртта ја потврдила екипа на Итната медицинска помош од Општата болница во Гевгелија.
-По локализирање на пожарот од страна на Бригадата за противпожарна заштита, било забележано дека во возилото има опожарено лице без знаци на живот. За настанот веднаш е известен Јавен обвинител од ОЈО Гевгелија и извршен е увид – се вели во соопштението од МВР.
По наредба на обвинителот, телата се дадени на обдукција за утврдување на идентитетот и причините за смртта.
Од МВР информираат дека се преземаат мерки за утврдување на околностите и целосно расчистување на случајот.








